Вовед
Нансен моделот за интегрирано образование е нов модел на образование кој претставува пример за образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини и огледало на идниот современ воспитно-образовен систем во Република Македонија и пошироко. Овој образовен модел ги негува, ги охрабрува и ги интегрира во себе: мултиетничките вредности, двојазичноста, образувањето и надградувањето како на учениците, така и на родителите, вработените и заедницата преку хармонични односи втемелени на почитување на разликите, градејќи притоа едно кохезивно мултиетничко семејство. Интенцијата на Нансен модел за интегрирано образование е градење на современи, успешни, ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима, конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.
Користејќи го повеќегодишното искуство од работата во развојот на интегрираното основно и средно образование во Македонија, Тимот за образование, обука и развој при Нансен Дијалог Центар – Скопје го креираше овој пакет на основни обуки кој ги има следните цели:
- Запознавање со карактеристиките, обележјата и придобивките од Нансен моделот за интегрирано образование;
- Развивање на вештини за успешна непосредна реализација на интегрирани воннаставни активности во училишта со мултиетничка стуктура на ученици;
- Оспособување за самостојно организирање и спроведување на интегрирани воннаставни активности;
- Сензибилизирање за почитување на различности во училишно опкружување, како и надминување на стереотипи и предрасуди од социјален, етнички, културен карактер;
- Оспособување за конструктивно решавање на конфликтните ситуации во групи со етнички хетероген состав;
- Развивање и негување на позитивна емоционална клима во групата со хетерогена етничка структура;
- Промовирање на важноста на индивидуализираниот пристап во согласност со индивидуалните потенцијали и способности на учениците;
- Оспособување на реализаторите за правилна и успешна примена на тандемска и тимска форма на работа;
- Препознавање на позитивните обележја и придобивки на игровниот метод во интегрирани воннаставни активности;
- Сензибилизирање на реализаторите на интегрирани воннаставни активности за поддржување на детската љубопитност, оригиналност како и на нивните творечки потенцијали;
- Запознавање со техники за поттикнување и развивање на логичното, флексибилното, дивергентното и критичкото мислење кај учениците;
- Зајакнување на интеракција, соработка и доверба помеѓу наставниот кадар од различни етнички заедници.
За кого е наменета обуката:
Програмата на овие основни обуки е конципирана и стуктуирана за да им овозможи на сите наставници, педагози, психолози, директори на основни и средни училишта, како и на студенти од наставнички факултети и други заинтересирани субјекти да се запознаат со карактеристиките, обележјата и придобивките на Нансен моделот за интегрирано образование, како и да ги развијат вештините за успешна непосредна реализација на “Програмите за интегрирани воннаставни активности“ во училишта со мултиетничка стуктура на ученици
Структура на програмата за обука (основно ниво):
Програмата содржи 10 програмски подрачја. Циклусот обуки се реализира во текот на еден семестар. Теми на програмските подрачја се:
- Обележја на Нансен моделот за интегрирано образование
- Интеграцијата како линк помеѓу наставни и воннаставни содржини
- Двојазичната компонента во воннаставни активности
- Планирање и креирање на интегрирани воннаставни активности
- Улогата на играта во интегрираните воннаставни активности
- Форми, методи и техники на работа во интегрирани групи
- Улогата и значењето на тимска и тандемска соработка
- Надминување на стереотипи и предрасуди во етнички мешани групи
- Видови на комуникација во двојазични групи
- Ученици и родители-активни партнери во интегрирани училишта
Обележја на обуката:
- Интерактивен начин на работа
- Двојазичен приод
- Работа во мали групи
- Групна дискусија
- Симулации
- Учење по пат на решавање на проблеми
- Играње на улоги
Учесниците кои што активно ќе ги поминат 90% од обуките ќе добијат:
– Сертификат за успешно завршена обука за интегрирано образование – основно ниво.
– Прирачник за наставници за Нансен моделот за интегрирано образование.