Практикум (I) за реализатори на НМИО

Број на страни: 44

Формат: pdf

Големина: 21.16 MB

Вовед во публикацијата

Почитувани наставници, професори и реализатори на интеркултурни воннаставни активности според Нансен моделот за интеркултурно образование,

Креирањето на Практикумот има една основна носечка цел - а тоа е да се понудат и прикажат што повеќе модели на успешни и инвентивни интеркултурни воннаставни активности, произлезени од различни секции, но и намененти за различна возраст на ученици.

Сите посочени подготовки за воннаставните активности во Практикумот се само еден можен модел, една варијанта на воннаставна активност и никако немаат за цел да станат унифицирани за сите наставнички тандеми и групи кои перспективно би ги реализирале.

Понудените видови планирани воннаставни активности треба да послужат само како еден вид образец, ориентир за наставничките тандеми кога пристапуваат кон планирањето на воннаставна активност со цел да ги задоволат главните обележја на Нансен моделот за интеркултурно образование, како: промоција на тимска и тандемска соработка; индивидуализиран пристап кон учениците во согласност со нивните можности, потенцијали, способности, интереси; поддржување активности низ игра како носечки метод на работа; задржување на двојазичната компонента; дизајн на интеркултурен училиштен простор и сл.

Сите предложени воннаставни активности коишто се понудени во Практикумот произлегуваат од различни секции вградени во годишните програми за воннаставни активности за различни одделенија, години. При изборот на видовите воннаставни активности се посвети внимание на меѓусебната корелација и тесна поврзаност меѓу дневните теми, со цел да се понудат различни приоди во планирањето, организирањето и реализирањето на тематски сродни, блиски теми - така на пр. ќе бидат прикажани активности со кои се обработени темите како: цвет до цвет, цветни венчиња (за ученици од основно образование) или пак теми како: моите особини, пријателство, соработка и сл. (за ученици од средно образование).

Се надеваме дека тие ќе ве инспирираат и поттикнат за осмислување, планирање и реализирање на уште многу нови, оригинални воннаставни активности коишто го носат предзнакот на интеркултурни активности според Нансен моделот за интеркултурно образование.

Би сакале да се заблагодариме на наставничките тандеми од основните и средните училишта за отстапените материјали, дневните подготовки коишто се надградени во соработка со тимот за едукација, обука и развој, благодарение на повратната информација добиена од страна на самите ученици при нивната првична, непосредна реализација.