Број на страни: 52
Формат: pdf
Големина: 3.64 MB
Република Македонија е држава на мултиетничко и мултикултурно општество. Етнички хетерогената структура на населението е показател дека образовен приоритет треба да биде поддржување на конструктивни инцијативи за промоција на идејата за интеркултурно образование, како основна врска за меѓусебна соработка и комуникација помеѓу различните етнички заедници. Образовниот систем во Република Македонија се наоѓа пред голем предизвик за развивање на предуслови за интеркултурно образование, како еден плански и долгорочен воспитно-образовен приод, кој ќе одговори на потребите на нашиот општествен контекст, каде повеќе етничи заедници коегзистираат на ист простор, и се очекува во континуитет да развиваат повеќенасочни културни врски и релации.
Интеркултурното образование, како филозофија и пристап, треба да биде клучна алатка во процесот на инцирање и поддршка за градење на интерактивни и хармонични односи во заедницата.
Поради често поистоветување неопходно е јасно разграничување на поимите: мултикултурно и интеркултурно општество / образование.
Мултикултурализам versus интеркултурализам се, всушност, два вида општествени концепти, помеѓу кои се воочува важна квалитативна разлика, односно степенот на интерaкцијата помеѓу различните културни групи во рамките на една општествена заедница.
Мултикултурализам упатува на постоење повеќе култури на еден географски простор, коишто не се во задолжителен, секојдневен и постојан природен допир и интерaкција. Интеркултурализмот пак, подразбира отворени интеракциски односи и врски помеѓу различни културни, национални и други групи, коишто веруваат, но истовремено и промовираат вредности како толеранција, меѓусебно почитување, рамноправност и отворена комуникација.
„Интеркултурното образование треба да биде организирано со цел реализирање на повеќеслојната задача, т.е. образование за емпатија, солидарност, интеркултурно почитување и ненационалистички начин на размислување (Еssinger,1987).“ „Тоа е образование за заедништво, солидарност, почитување, меѓусебна толеранција, помагање, доверба и други универзални, хумани вредности (Концепција за интеркултурно образование, 2016).“
Токму затоа, интеркултурното образование треба да се согледа како потреба на нашето општество, бидејќи во него треба да се препознае можноста за соочување со предизвикот во изнаоѓањето на оптималниот сооднос помеѓу културните разноликости и општествената кохезија.
Поаѓајќи од потребата за унапредување на мултиетничката и мултикултурната реалност во државата, кон крајот на 2015 година, од страна на Нансен дијалог центар Скопје е изработена Концепцијата за интеркултурно образование на Република Македонија, којашто како официјален, државен развоен документ (усвоен од страна на Министерство за образование и наука на Република Македонија) отвора простор за облагородување на воспитно-образовниот процес во правец на зајакнување на комуникацијата, соработката и разбирањето меѓу припадниците на различните етнички заедници во воспитно-образовните установи.
Концепцијата за интеркултурно образование нуди јасни насоки и решенија како може воспитно- образовниот систем во Република Македонија да биде трансформиран и надграден со интеркултурна ориентација и вредности. Врз основа на нејзините структурни елементи содржински е обликуван и овој прирачник, со намера да им помогне на сите воспитно-образовни практичари во создавaње инцијативи со интеркултурен предзнак.